Еден од најбогатите Британци бил пронајден мртов. Тој бил избоден до смрт, пренесе Би-би-си.

Сер Ричард Сатон (83) бил пронајден мртов во неговата вила недалеку од Џилингем во покраината Дорсет. Неговото мртво тело било пронајдено во средата вечерта. Покрај него била пронајдена жена на шеесетина години, најверојатно неговата сопруга, која е пренесена во болница во критична состојба.

Богатството на Ричард Сатон неодамна беше проценето на околу 300 милиони фунти.

За убиството е приведен 34-годишен маж, уапсен во автомобил недалеку од Лондон. Тој бил повреден и пренесен во болница. Се верува дека се работи за повреди кои не се опасни по живот.

Полицијата соопшти дека уапсениот и жртвите се познавале.

На минатогодишната листа на Сандеј Тајмс, Ричард Сатон беше рангиран на 435. место меѓу најбогатите Британци.

Сатон, кој има благородничко потекло, бил убиен на неговиот луксузен имот. Тој бил сопственик на хотелот „Шератон Гранд“ и луксузниот хотел „Атенаум“. Неговото семејство поседува илјадници хектари земја низ Велика Британија.

Полицијата во моментов ја испитува точната причина за убиството.