Северна Кореја во саботата истрела два проектили од краток дострел во водите на Јапонското море, извести армијата на Јужна Кореја.

Ракетниот тест беше извршен неколку часа по изјавата на американскиот претседател Доналд Трамп, кој истакна дека добил „убаво писмо“ од севернокорејскиот лидер Ким Јонг-ун.

Новинската агенција Јонхап ја пренесе изјавата на началникот на армијата од Сеул дека проектилите биле лансирани од област во близина на североисточниот брег, без да прецизира за какви ракети станува збор или колку далеку летале.

Северна Кореја врши ракетни тестирања во знак на револт поради заедничката воена вежба помеѓу САД и Јужна Кореја чиј почеток е предвиден за денеска.