Едно лице е уапсено поради можна поврзаност со егзекуцијата на девет американски државјани, три жени и шест деца, на кои била поставена заседа од припадници на картел, соопштија мексикански истражители.

Во соопштението објавено на Фејсбук, Агенцијата за криминалистичка истрага во државата Сонора, наведува дека осомничениот бил пронајден во градот Агуа Приета, на границата со американската држава Аризона, како и дека држел врзани двајца заложници, пренесе „АП“.

Осомничениот, чиј пол не е наведен, имал четири пушки, муниција, неколку големи возила, вклучително и блиндиран СУВ.

Мексиканските власти соопштиле дека напаѓачите најверојатно мислеле дека големото теренско возило припаѓа на ривалската банда.

Во масакрот, кој се случи вчера на локалниот пат во мексиканската држава Сонора, на границата со САД, беа убиени девет членови на американско мормонско семејство, три мајки и шест деца.