Германските власти денеска соопштија дека е притворен осомничениот за хакерскиот случај што резултираше со објавување на интернет на приватни информации на стотина германски политичари и познати личности, пренесува АП.

Канцеларијата на федералната криминалистичка полиција извршила претрес во станот на осомничениот 20-годишник од покарината Хесен, во централна Германија.

Други детали не се соопштуваат, а полицијата најави прес конференција за подоцна во текот на денот.

Германската канцеларка Ангела Меркел е меѓу германските политичари погодени од голем хакерски напад во кој се објавени нивните лични податоци, вклучително и информации за кредитните картички и броевите на мобилните телефони.

Бројот на нејзиниот факс, електронската адреса и неколку писма се меѓу податоците кои протекоа на интернет преку профил на Твитер, за кој не се знае чиј е.

Засега не се знае дали објавените писма што ги испраќала и примала од другите содржат доверливи информации.

Инфорадио рбб, со седиште во Берлин, јави дека хакирањето на личните податоци на стотина германски политичари на сојузно и државно ниво било откриено вечерта на 3 јануари.

Податоците на политичарите објавени на Твитер вклучуваат адреси, приватни писма и копии на лични документи, наведува рбб.

Погодени се сите поголеми германски партии, со исклучок на крајно десната АфД.

Германската министерка за правосудство Катарина Барли го осуди „сериозното“ протекување на личните податоци на политичарите на интернет нарекувајќи го напад врз демократијата.