Полицијата во Уганда уапсила 16 лица под сомнение дека се хомосексуалци и дека се занимаваат со трговија со луѓе.

Информацијата ја соопшти угандската организација Сексуално малцинство, која се бори за геј-правата во земјата.

Дајана Бакураира од организацијата рекла дека апсењата се случиле денеска во главниот град Кампала.

Еден полицаец, кој сакал да остане анонимен, ги потврдил апсењата велејќи дека мажите се приведени по жалба од јавноста.

Активистите велат дека бројот на нападите врз ЛГБТ заедницата се зголемува, додека министерот за етика се обидува да протурка закон со кој хомосексуалниот секс ќе се казни со смртна казна. Портпаролот на владата негира дека постои таков план.

Моменталната казна за хомосексуален секс во Уганда е доживотен затвор.