Германското Министерство за надворешни работи денеска потврди дека тројца Германци биле уапсени во Турција вчера за време на претседателските и парламентарните избори, јави ДПА.

Двајца мажи и една жена, кои биле дел од група од 11 лица од Германија, биле неформални набљудувачи на покана на опозициската прокурдска Демократска партија на народите. Тие биле уапсени околу пладне во градот Улудере во југоисточниот округ Шарнак.

Еден од мажите изјави на ДПА дека намерно избрал област каде официјалните набљудувачи на ОБСЕ не биле испратени. Според неговите зборови, полицијата интензивно ги попречувала нивните обиди да ги набљудуваат изборите.

Според адвокатот на трите Германци денеска тие треба да се појават на суд. Германското Министерство за надворешни работи соопшти дека Амбасадата во Анкара работи на случајот.