Венецуелските власти уапсија петмина странски новинари кои известувале за протестите на опозицијата и политичките превирања во земјата. Уапсените се државјани на Франција, Колумбија и Шпанија, а двајца Чилеанци се депортирани од државата.

Двајцата Колумбијци и Шпанецот работат за шпанската државна телеграфска агенција ЕФЕ и пристигнале од Колумбија за да ја следат кризната ситуација.

Двајца француски новинари, кои работат за телевизиската програма „Куотидиен“ биле приведени додека снимале околу претседателската резиденција, соопштија дипломатски извори. Уапсен е и нивниот локален продуцент.

Чилеанските новинари биле уапсени во вторникот вечерта во близина на претседателската палата, останале во притвор 14 часови, а потоа се протерани од земјата, изјави министерот за надворешни работи на Чиле, Роберто Ампуеро.

Како аргумент за апсење на новинарите се наведува фактот дека тие работеле во „безбедносна зона“.

Венецуелскиот министер за надворешни работи Хорхе Ареаса вчера, без да ги спомене последните апсења, истакна дека странски новинари влегуваат во Венецуела без работна дозвола.

Владата на Шпанија го осуди притворањето на своите новинари во Каракас и побара нивно итно ослободување.

Шпанскиот премиер Педро Санчез претходно изјави дека неговата Влада ќе го прифати венецуелскиот опозициски лидер како привремен претседател на Венецуела, доколку актуелниот шеф на државата Николас Мадуро не распише до недела предвремени претседателски избори.

Според неименуван дипломатски извор, француската амбасада исто така работи на ослободување на своите новинари.

– Го потврдуваме апсењето на двајца наши сонародници во Венецуела. Нашата амбасада побара конзуларна заштита согласно Виенската конвенција, особено со право на пристап, истакна неименуваниот извор.

Кризата во Венецуела се повеќе се продлабочува. Врховниот суд му забрани на опозицискиот лидер Хуан Гуаидо, кој се прогласи за привремен претседател на Венецуела, да ја напушти земјата, како и замрзнување на неговите сметки, а тој повикува на нови улични протести.