Белоруската полиција денеска уапси повеќе од 300 учесници во масовните демонстрации, на кои се бара оставка на долгогодишниот претседател, Александар Лукашенко.

Илјадници демонстранти повторно излегоа на улиците, собирајќи се во мали групи ширум Минск, што е нова тактика со цел да ја отежнат работата на полицијата, наведува Асошиејтед Прес.

Полицијата од Минск соопшти дека уапсила повеќе од 300 лица. Дописникот на новинската агенција Франс Прес, тврди дека бил сведок на апсење на три лица и видел како полицијата растерува групи од 10 до 15 демонстранти.

Пред протестите во Минск, полицијата утрово постави водени топови во центарот на градот и го блокираше пристапот до главните плоштади, метро-станиците и државните институции.

Пристапот на апликациите за допишување е оневозможен на национално ниво.

Тихановскаја: Белорусите нема да се предадат

Лидерот на опозицијата, Светлана Тихановскаја, која избега во Литванија веднаш по изборите за да избегне апсење, рече дека секој протест е „потсетување дека Белорусите нема да се предадат“.

– Нема да дозволиме кршење на нашите права или да замижуваме пред злосторствата – рече Тихановскаја.

Белорусија е погодена од политичка криза од претседателските избори на 9 август, кога започнаа масовни антивладини протести низ целата земја, иницирани од официјалните резултати од гласањето, според кои Лукашенко освои повеќе од 80 проценти од гласовите. Противниците на Лукашенко тврдат дека изборите биле украдени.

И покрај напорите на властите да ги задушат демонстрациите со апсење и потиснување на демонстрантите и активистите, масовните протести не стивнуваат дури и по повеќе од три и пол месеци.

Лукашенко, кој управува со Белорусија од јули 1994 година, ги обвинува западните земји за поттикнување на протестите.