Првиот човек на Европскиот совет Доналд Туск преку Твитер му порача на американскиот претседател Доналд Трамп дека САД и ЕУ се најдобри пријатели.

Пораката доаѓа откако Трамп оцени дека Европската унија е непријател на САД во трговската сфера.

– Америка и ЕУ се најдобри пријатели. Тој што вели дека сме непријатели шири лажни вести – напиша Туск на неговиот профил на Твитер.

Трамп подолго време ја критикува Европската унија, како поради нејзините мигрантски политики, така и поради трговските односи со САД, а го поддржа и излегувањето на Велика Британија од ЕУ.

– Мислам дека Европската унија е непријател, она што ни го прави во трговијата. Вие не би помислиле на Европската унија, но таа е непријател – изјави Трамп во интервју што го даде во Шкотска, каде за Кина рече дека е економски непријател на САД, а за Русија дека е непријател во одредени области.