Турција планира да спроведе меѓународна истрага за убиството на саудискиот новинар Џамал Кашоги, пренесува „Ројтерс“.

Кашоги, кој работеше како новинар на „Вашингтон пост“, беше убиен во саудискиот конзулат во Истанбул поради критикување на саудискиот принц Мохамед бин Салман. 

– Некои западни земји се обидуваат да издејствуваат да се прикрие овој случај. Ги знам нивните причини. Ние знаеме какви договори се постигнуваат. Знаеме како оние што се борат за слобода во новинарството сега го заташкуваат случајот откако добиле пари. Како и да е, ние ќе одиме до крај. Направивме подготовки за меѓународна истрага и во престојните денови ќе ги сториме потребните чекори – изјавил турскиот министер за надворешни работи Мевлут Чавушоглу.

Посмртните останки на Кашоги се уште не се најдени, и покрај заедничката истрага која ја спроведуваа турските надлежни служби со претставниците од конзулатот на Саудиска Арабија.

Саудиските обвинители бараат смртна казна за пет од единаесетте осомничени кои се притворени за убиството, а тоа предизвика меѓународен гнев и ја наруши репутацијата на 33-годишниот саудиски принц. Саудиска Арабија е изложена на голем меѓународен притисок за убиството на Кашоги, а тој притисок доаѓа и од нивниот најголем сојузник САД, чиј Сенат гласаше за резолуција што го обвинува саудискиот принц за убиството.