Одлуката на американскиот претседател Доналд Трамп за повлекување на САД од Договорот за иранската нуклеарна програма, предизвикува опасност од создавање на нови конфликти, оцени портпаролот на турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган, Ибрахим Калин.   

– Едностраното повлекување на САД од нуклеарниот договор е одлука која предизвикува нестабилност и нови конфликти, објави Калин на Твитер. 

Според него, Турција ќе продолжи решително да се спротивставува на сите видови нуклеарно оружје.

По синоќешната најава на Трамп за повлекување на САД од нуклеарниот Договор и за воведување економски санкции кон Техеран, турскиот министер за економија Нихат Зејбекчу изјави дека Турција ќе продолжи да тргува со Иран и дека не планира никому да дава отчет за тоа.