Турција има нови докази кои ги поврзуваат следбениците на исламскиот проповедник Фетулах Ѓулен со неуспешниот државен удар во 2016 година, изјави денеска турскиот министер за правда Абдулхамит Ѓул, додавајќи дека за новите информации ќе разговара со американскиот колега.

Неуспешните двегодишни напори на Турција за екстрадиција на Ѓулен од САД, ги нарушија односите меѓу двете членки на НАТО. Вашингтон од Анкара бара цврсти докази против Ѓулен.

Исламскиот проповедник, кој живее во САД од 1999 година, го негираше учеството во пучот и го осуди.

Ѓул вели дека имаат нови докази пронајдени во телефон на следбеник на Ѓулен.

– Добивме нови докази кои покажуваат дека ФЕТО беше директно вклучена во државниот удар таа вечер, со што ги зајакнавме сите хипотези и информации што ги добивме досега – изјави Ѓул.

Тој, исто така, рече дека за новите докази планира да разговара телефонски со американскиот министер за правда, Џеф Сешнс.

Портпаролката на Сешнс одби да ја коментира изјавата.