Турција побара екстрадиција и „црвена тревога“ од Интерпол за апсење на НБА играчот Енес Кантер, првично пренесе „Анадолу“, а потврди Си-ен-ен.

Турските медиуми информираа дека центарот на „Њујорк никс“ е осомничен за учество во терористичка организација, а ова е прв пат Турција да побара екстрадиција или „црвена тревога“ од Интерпол за некој од НБА лигата.

За сега, нема коментар од Интерпол за тоа дали навистина Турција ги побарала овие работи, а на нивната интернет страница сè уште нема информации за кошаркарот Кантер.

Во турските медиуми се вели дека главниот обвинител за тероризам и организиран криминал од Истанбул го испратил барањето за екстрадиција, поради тоа што Кантер има поврзаност со Фетулах Ѓулен, кој веќе 20 години живее во азил во Пенсилванија, САД и двјацата контактираат и соработуваат веќе подолго време.

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган го обвини токму Ѓулен за неуспешниот државен удар во 2016 година – обвниение кое Ѓулен го отфрли.

НБА играчот Енес Кантер одговори на социјалната мрежа Твитер:
– Турската Влада нема ниту еден доказ дека јас сум направил нешто грешно. Во САД, немам ниту казна за паркирање. Секогаш сум бил човек кој го почитува законот – напиша центарот на „Њујорк никс“.

Кантер претходно овој месец изјави дека нема да патува во Лондон со тимот на натпревар кој ќе се игра во Европа поради тоа што е уплашен дека од можнен атентат врз него. Кошаркарот е истакнат критичар на Владата на Ердоган.

– Многу би сакал да одам во Лондон, но сум исплашен за мојот живот поради тоа што Ердоган има оперативци на терен во странски земји. Неговите операции се познати по тоа дека ги „ловат“ луѓето кои зборуваат против неговата Влада“ – претходно изјави Кантер.

За две години, Енес Кантер ќе добие американско државјанство, а тој неколку пати за медиумите изјави дека веќе се чувствува како Американец.