Турската полиција идентификуваше пет лица осомничени за убиството на саудискиот новинар Џамал Кашоги, а четири лица наводно се поврзани со принцот Мухамед бин Салман, објави „Дејли сабах“.

Еден од  осомничените Махер Абдулазиз Мутреб има блиски врски со саудискиот принц, како што покажуваат фотографиите на кои се гледа со принцот во Мадрид и Париз, пишува „Њујорк тајмс“.

Тој е виден со принцот и во текот на посетата на САД и Велика Британија.

Другиот осомничен е Абдулазиз Мохамед ал- Хабсави, наводно член на обезбедување на принцот Саламн, чија положба ја обелодени француски професионалец, кој порано работел за кралското семејство. 

Тхар Галеб ал- Барби, третиот осомничен е високопозициониран кралски чувар, кој заради своите способности е префрлен во касарната во Џеди, јавија саудиски медиуми.

Четвртиот осомничен е Мухамед Саад Алзахрахи, кој патувал со пасош на име на друг член на обезбедувањето на кралското семејство.

Тој на снимките е прикажан со ознака на која пишува друго име. 

Последниот осомничен е доктор Салах ал- Тубаиги, шеф за форензички докази во Секторот за јавна безбедност на Саудиска Арабија, кој патувал од Истанбул како дел од саудиската експедиција и наводно го исекол телото на Кашоги.

„Њујорк тајмс“ објави дека турските власти идентификувале најмалку девет од 15 осомничени, кои се поврзани со саудиските воени, владини или безбедносни служби.