Новиот потег на Турција, кој се однесува на блокада на целиот воен план на НАТО, сигурно претставува дополнителен удар за овој воено-политички сојуз, што било целосно незамисливо до пред некоја година

Турција одбива да го поддржи планот на НАТО за заштита на прибалтичките земји и Полска од руска закана. Оваа информација ја објави агенцијата Ројтерс, повикувајќи се на високопозиционирани извори во НАТО.
Ваквото категорично одбивање на земја-членка на НАТО (како што е Турција) на план на НАТО е случај без преседан во историјата на Алијансата.

Притоа турската влада му дала инструкции на својот претставник во НАТО да заземе остар став на средбите и во приватните разговори, барајќи од Алијансата да ги прогласи за терористи курдските сили за самоодбрана. Еден од изворите од НАТО рекол дека турската влада ги „држи Источноевропејците како заложници, блокирајќи го одобрувањето на тој воен план, до моментот кога ќе ја добие бараната отстапка“.

Друг, пак, извор ваквото турско однесување го нарекол „разорувачко“ за НАТО.

Турското одбивање на планот на НАТО за заштита од руска закана на балтичките земји, дури се става и во контекст на неодамнешната шокирачка изјава на францускиот претседател Емануел Макрон дека Алијансата е во состојба на „мозочна смрт“, незадоволен од неговото функционирање и воопшто од неговата улога и смисла. Притоа Макрон се повика на неопходноста од формирање заеднички европски воени сили, велејќи дека Европа веќе не може да смета на воената заштита на САД.

Изјавата на Макрон беше дополнително мотивирана од молчењето на Пентагон спрема своите европски сојузници, кога не ги предупреди за започнувањето на турската воена операција „Извор на мирот“, на североистокот на Сирија, иако одредени земји на ЕУ во таа зона имаа распоредено свои воени сили.

Новиот потег на Турција, кој се однесува на блокада на целиот воен план на НАТО, сигурно претставува дополнителен удар за овој воено-политички сојуз, што било целосно незамисливо до пред некоја година. Еднакво како и изјавата на Макрон за „мозочната смрт“.

Дури и да не се спомене долготрајниот турски судир со САД и НАТО, околу турското купување на руските противвоздушни системи „С-400 триумф“, последните потези доволно говорат за меѓусебното опструктивно однесување на сојузниците.

Дополнително масло на огнот за ова прашање долеале и најновите изјави на турската влада за почеток на проверка на радарските системи во рамките на „С-400“, со употреба на авиони „Ф-16“, по што одредени американски конгресмени брзо побарале воведување остри санкции против Турција.

Во атмосферата на тензичната недоверливост меѓу НАТО-сојузниците како дополнителна провокација се доживува изјавата од Русија дека се надева на нова спогодба со Турција за купување дополнителни системи „С-400“.