Турција спречила 347 терористички напади во 2018 година, изјави денеска турскиот министер за внатрешните работи Сулејман Сојлу.

Министерот го посочи тоа на семинар по прашањето за борба против тероризам во Анкара. Тој информира дека во Турција се намалени терористичките напади, нагласувајќи дека минатата година биле спречени 697 терористички акти, а оваа година 347.

-Има огромна борба и сериозен успех, кој не може да се занемари, истакна Сојлу.

Министерот, исто така, соопшти дека е воведена постојана забрана за влез во Турција на речиси 9.500 европски граѓани од 28 земји од ЕУ, кои се обидувале да преминат во зоните на конфликт и да се приклучат кон терористички организации, како Курдската работничка партија – Сили за заштита на народот (ПКК- СЗН) и ИД.

За Анкара сириската курдска милиција Сили за заштита на народот (СЗН) е терористичка организација, поврзана со Курдската работничка партија (ПКК), која од 1984 година води вооружена борба против турската држава. Министерот посочи дека на чело на тој список се наоѓаат граѓани од Франција и Белгија.

Сојлу истакна и дека досега Турција наложила постојана забрана за влез во државата на 69.967 граѓани од 151 држава.

Тој додаде дека Анкара екстрадирала вкупно 7.031 странски терорист од 100 националности.