Џамал Кашоги

Турција денеска ги обвини САД дека во случајот на убиството на Џамал Кашоги, саудиски новинар и поранешен неофицијален портпарол на саудиското кралско семејство, замижале на едно око, нарекувајќи ги коментарите на претседателот Доналд Трамп „смешни“.

Иако ја остави отворена можноста дека саудискиот принц и престолонаследник Мохамед бин Салман можеби знаел дека постои план за убиство на Кашоги, Трамп вчера порача дека САД и натаму остануваат „доверлив партнер“ на Саудиска Арабија, наведувајќи повеќе причини за стратешкото партнерство: борбата против зајакнувањето на моќта на Иран на Блискиот исток, сузбивање на „радикалниот исламски тероризам“, купувањето на американско оружје и стабилноста на цената на нафтата.

Нуман Куртулмус, од партијата на Правдата и развојот на претседателот Реџеп Тајип Ердоган, рече дека „вчерашната изјава на Трамп е смешна“.

– За разузнавачката агенција како ЦИА, која ја знае и бојата на крзното на мачката што се шета во градината на саудискиот конзулат, не е возможно да не знае кој ја издал наредбата за убиство – изјавил Куртулмус.

Анкара тврди дека наредбата за убиството на Кашоги дошла од „највисоките кругови“ на саудиската влада, но не го обвинува директно принцот.

Турскиот министер за надворешни работи Мевлут Чавушоглу му соопштил на Вашингтон дека Анкара не е задоволна од нивото на соработка со саудиските власти за тој случај и дека можеби ќе побара официјална истрага од ОН.

Шеесетгодишниот Кашоги, кој последната година работеше како колумнист на Вашингтон Пост, беше гласен критичар на својата влада од напуштањето на земјата во 2017 година. Но, неговата кариера покажува дека претходно бил многу близок до дворецот и саудиските разузнавачки кругови, дека го симпатизирал радикалното Муслиманско братство, чиј огранок го основал минатата година, како и на палестинското движење Хамас, поддржувајќи ја нивната исклучително антисемитска политика и верба во уништувањето на Израел.