Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган порача дека турската војска ќе спроведе операција источно од реката Еуфрат, во северниот дел на Сирија, во зоната под контрола на курдските Сили за заштита на народот. Тој истакна дека за акцијата се веќе информирани САД и Русија.

– Влеговме во Африн, Јараблус и Ал Баб. Сега ќе влеземе источно од Еуфрат. Тоа им го најавивме на Русија и САД – истакна Ердоган.

Откако американскиот претседател Доналд Трамп минатата година најави дека американските сили ќе се повлечат од северниот дел на Сирија, САД и Турција склучија договор за создавање безбедносни зони во Сирија, долж североисточната граница на таа земја со Турција и според тој договор е предвидено во таа област повеќе да нема припадници на Силите за заштита на народот.

Курдските сили за заштита на народот беа главен сојузник на САД на територијата на Сирија во текот на американските операции против Исламска држава, а Турција ги смета за терористичка организација.