Имаме разузнавачки информации од свои извори и од извори од сојузници дека украинскиот авион е соборен од иранска ракета, изјави канадскиот премиер, Џастин Трудо, објави Си-ен-ен.

– Тоа можеби било ненамерно – рече тој.

Трудо повика на темелна истрага за тоа што ја предизвикало несреќата и кажа дека нема да даде дополнителни детали за доказите и за информациите што ги наведе.

По објавите на американскиот неделник „Њузвик“, и агенциите „Асошиејтед прес“ и „Ројтерс“, повикувајќи се на неименувани американски официјални лица, објавија дека иранска противвоздушна ракета случајно го соборила украинскиот авион кој се урна во вторникот во Техеран, при што загинаа над 170 луѓе.

„Ројтерс“ пренесе изјава од американско официјално лице кое навело дека американските сателити регистрирале испалување на две ракети непосредно пред авионот да се урне, по што следувала експлозија.

„Њузвик“ претходно повикувајќи се на извори од Пентагон, објави дека авионот го погодила руска ракета Тор – М1. Неделникот наведе дека иранските противавионски единици веројатно биле активни по ракетниот напад на американските бази во Ирак, кој следуваше како одговор на убиството на иранскиот генерал Касем Сулејмани по наредба на САД.

Шефот на иранската Организација за цивилна авијација, Али Абеџадех, ги демантираше, како што кажа, нелогичните шпекулации дека украинскиот патнички авион е соборен со ракета.

Во авионот кој летал кон Киев имало 82 државјани на Иран, 63 Канаѓани, како и државјани на Украина, Шведска, Авганистан, Германија и Велика Британија.