Тројца индиски инженери, држени како заложници повеќе од една година, биле ослободени во замена за 11 талибански заробеници, во кои спаѓаат и некои високо рангирани членови на групата, пренесува „Спутник“.

Талибанските власти одбиле да откријат со кого милитантната група разменила затвореници и дали ослободените талибанци ги држат авганистанските власти или американските сили во Авганистан.

Според повеќе извештаи во медиумите, меѓу ослободените талибанците се Шеик Абдур Рахим и Мавлави Абдур Рашид, гувернери на провинциите Кунар и Нимроз за време на администрацијата на талибанците пред интервенцијата предводена од САД во 2001 година.

Индискиот дневен весник „Хинду“ соопшти дека размената е резултат на средба меѓу авганистанските талибанци и американскиот специјален претставник за помирување во Авганистан, Залмај Калилзад, во Исламабад.

Весникот објави дека талибанците биле ослободени од воздухопловата база „Баграм“, најголемата американска воена база во Авганистан, а се шпекулира дека договорот за размена на затворениците е направен меѓу талибанците и САД.

Авганистанските власти досега не го потврдија ослободувањето на индиските инженери.

Седум индиски инженери кои работеле за електрана во авганистанската провинција Баглан биле киднапирани во мај 2018 година.