Тројца луѓе починаа, а најмалку 222 се заразени во досега најголемата епидемија на листерија забележана во Шпанија, соопшти Светската здравствена организација.

Заразата, која најверјатно е предизвикана од свинско месо произведено на југот од земјата, главно погодила жени или постари лица од 65 години, додава СЗО.

Поголем дел од заболените се од Андалузија, бидејќи фабриката за преработка на месо „Магрудис“ се наоѓа во Севиља.

Од полиците се повлечени сите производи од свинско месо што биле произведени пред први мај.

СЗО предупредува на понатамошен раст на бројот на заболени, бидејќи производите на „Магрудис“ во Шпанија се многу популарни, рокот на траење им е три месеци, а во таа земја доаѓаат и голем број туристи кои летуваат таму и консумираат производи од овој производител.