Три лица кои беа уапсени по несреќата со жичницата во северна Италија, во која загинаа 14 лица, се ослободени од притвор. Едно од ослободените лица е ставено во домашен притвор, пренесоа италијанските медиуми.

Минатата недела се урна кабина од жичница во италијанскиот регион Пиемонт. Во кабината имало 15 лица, а жичницата се движела кон планинскиот врв Мотароне.

Само едно дете, петгодишно момче од Израел, кое е во болница, ја преживеа несреќата.

Полицијата уапси тројца мажи во средата.

„Ла Стампа“ објави дека судијата заклучил дека нема основа за чување на тројцата уапсени во затвор затоа што тие не можат да избегаат и не постои ризик да се сокријат доказите.

Полицијата ги приведе инжинерот на жичницата, директорот на службата и оперативниот шеф.

Истражителите открија дека системот за безбедно сопирање бил наместен за да се избегне одложување на жичницата.

Тројцата уапсени извршиле свесна акција, соопштија истражителите, додавајќи дека за да се избегне доцнење на жичницата, на неа останал уред кој ги деактивира сопирачките за итни случаи, што значи дека безбедносниот систем не се активирал кога се расипал кабелот.

Тие се товарат за убиства од небрежност, предизвикување ненамерна катастрофа и отстранување инструменти за да се спречи несреќа.