Тропската бура Кристобал во неделата го погоди брегот на југоисточната американска држава Луизијана, соопшти американскиот Национален центар за урагани.

Невремето е придружено со ветрови од 85 километри на час и се приближува до Њу Орлеанс.

Како што беше претходно објавено, се очекува обилен дожд на подрачјето од Тексас до Флорида.

Станува збор за трета именувана бура во оваа сезона на урагани што се очекува да продолжи да се движи кон север. Ќе продолжи да носи големи количини дожд што можат да предизвикаат поплави, најмногу во долината на реката Мисисипи во Луизијана, предупредуваат метеоролозите.

Си-ен-ен известува дека невремето може да доведе до големи поплави и оштетување на зградите.

– Само затоа што е тропска бура не значи дека треба да се опуштиме – изјави метеорологот на Си-ен-ен Дерек Ван Дам.

Си-ен-ен повторува дека поплавите се најголемата опасност од ова невреме и се прогнозираат за државите Флорида, Алабама, Мисисипи, Џорџија, па дури и Северна и Јужна Каролина, каде краткорочно ќе паѓаат големи количини на дожд.

Според прогнозите, ќе биде особено критично во Луизијана, Арканзас и Флорида, каде дополнително ќе падне голема количина дожд.

Невремето ќе продолжи да се движи кон Висконсин и Ајова, но со помал интензитет.