Кина, по САД и Русија, се стреми да биде водечка вселенска сила до 2030 година

Најнов фронт во интензивираниот натпревар за доминација над ѕвездите е обидот на трите земји, САД, Кина и Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ), летово да испратат свои сонди на Марс, со што по повеќегодишно мирување на светските моќници по ова прашање повторно се отвора ново поле за натпревар и превласт во вселената

За време на пандемија три држави испраќаат свои мисии на Црвената Планета

Во услови на светска пандемија, но и период кога Кина но и некои други светски сили сѐ повеќе им се закануваат на американските интереси на копно и во вселената, трката за вселената односно за Марс, која беше една од главните карактеристики на Студената војна, повторно е во фокусот на големите сили. Најнов фронт во интензивираниот натпревар за доминација над ѕвездите е обидот на трите земји, САД, Кина и Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ), во расчекор на неколку недели, да испратат свои сонди на Марс со што по повеќегодишно мирување на светските моќници по ова прашање повторно се отвора ново поле за натпревар и превласт во вселената.
Имено, Кина на почетокот од месецот лансира ракета со ровер-возило за Марс од космодромот Венчанг во јужната провинција Хајнан и така ја започна својата најамбициозна вселенска мисија. Сондата „Тјанвен-1“, чие име значи „потрага по небеската вистина“, ќе има за задача да орбитира околу планетата пред да слета со роверот на површината со надеж дека ќе може да собере важни информации од почвата, геолошката структура, средината, атмосферата на Марс, но и да бара знаци на вода.

Со слична намена ќе биде и сондата „Ал амал“ (односно „Надеж“) на Обединетите Арапски Емирати, кои својата сонда исто така ја лансираа на почетокот од јули од космодром во Јапонија, само неколку дена по лансирањето на кинеската ракета. Како што наведуваат западните медиуми, сондата „Надеж“ стана првата арапска меѓупланетарна мисија, што летово се упатат кон Марс. Другата мисија кон Марс, која во зависност од временските услови деновиве треба да биде испратена кон Марс е ракетата со ровер-возилото на НАСА именувано „Персеверенс“.
Американски Си-ен-ен, по повод подготовките за испраќање на мисијата на НАСА на Марс, пишува дека Црвената Планета наскоро ќе биде најновиот фронт во ривалството помеѓу САД и Кина и другите земји.

– „Персеверенс“ треба да ги одговори прашањата за можен живот на Марс, но и да бара знаци за услови за живот во минатото на планетата и да бара докази за постоење микроби. Роверот располага со уред за дупчење, кој може да се користи за собирање основни примероци од карпи и да ги складира за подоцна да ги прибере и испита друга мисија. Доколку биде успешен, „Персеверенс“ ќе биде седмата сонда на НАСА што слетала на Марс и четвртиот испратен ровер. „Кјуриозити“, кој пристигна на Црвената Планета во 2012 година, сè уште испраќа податоци од површината на Марс – наведува Си-ен-ен.
Од друга страна, на истава тема, „Форин полиси“ пишува дека вселенската трка што е актуелна периодов во исто време неизбежно е и политичка. Медиумот потсетува дека првите мисии на НАСА, особено оние со историското слетување на Месечината во 1969 година, беа поттикнати од ривалството меѓу Вашингтон и Советскиот Сојуз за време на Студената војна, па таква е состојбата и денес.

– Пекинг од своја страна е свесен за престижот што може да го добие со престигнување на САД во вселената. Ако „Тјанвен-1“ забележи успех, државата има планови во иднина да испрати човечка мисија на Марс. Под водство на претседателот Си Џинпинг, Кина инвестираше милијарди долари во креирање на нејзината вселенска програма и покрај нејзиното зголемено влијание на Земјата со агресивното спроведување на „големата обнова на кинеската нација“. Вселената беше истакната како истражувачки приоритет од страна на кинеската влада во нејзиниот тринаесетти петгодишен план, со посебен акцент на вселенските испитувања и лансирање вселенско летало во орбитата – наведува медиумот. Според „Форин полиси“, покрај мисијата на Марс, Пекинг исто така планира да лансира постојана вселенска станица до 2022 година и сака да испрати сонда со човечки екипаж на Месечината во 2030-тите години.

Во меѓувреме соочен со сѐ поголемата закана од руските и од кинеските антисателитски оружја во орбитата, американскиот претседател Доналд Трамп на почетокот од својот мандат ја соопшти својата намера да основа нови вселенски сили, како посебен разгранок на војската на САД. Паралелно на ова воените лидери во земјата ги засилија напорите за изградба на мрежа од сензори во вселената, за рано откривање на истреланите непријателски проектили.
– Кина и Русија ја вооружуваат вселената. Нема да седиме мирни и само да гледаме. Мораме да дејствуваме – порача неодамна привремениот американски министер за одбрана Патрик Шенехан.