Советот за безбедност на Обединетите нации(ОН) ниту по три обида не успеа да усвои резолуција за наводната употреба на хемиско оружје во Сирија, по што САД и сојузниците размислуваат за преземање воени акции.

Русија стави вето на обидот на САД во Советот за безбедност на ОН да воспостави нова истрага за откривање на виновниците за хемиските напади во Сирија, по што следеа две руски предлог-резолуции, кои не беа изгласани.

Русија ги обвини САД, Франција и Велика Британија дека предложиле текст за усвојување, за кој знаеле дека Москва ќе стави вето, само како изговор за да преземат воени активности.

Русија стави вето на предлог-резолуцијата на САД, која беше поддржана од 12 држави. Кина беше воздржана. Нацрт-резолуцијата предлагаше формирање на „нов независен истражен механизам на ОН” за употреба на хемиско оружје во Сирија со едногодишен мандат. Тоа е 12-то вето на Русија на предлог-резолуции за Сирија од почетокот на војната во 2011 година.

Организацијата за забрана на хемиско оружје (ОПЦВ) вчера соопшти дека ќе испрати свои иследници во Дума, каде што опозициските активисти велат дека десетици лица загинале во хемиски напад на 7 април. ОПЦВ може само да потврди или да негира употреба на хемиско оружје, но не и да ги посочи извршителите, потсетува АФП.