Недолго откако американските разузнавачки агенции го објавија новиот декласифициран извештај за убиениот новинар Џамал Кашоги, во кој беше заклучено дека саудискиот принц Мохамед бин Салман ја одобрил акцијата за убиството, извештајот беше симнат без образложение и заменет со друга верзија во која се отстранети имињата на тројца за кои првично се тврдеше дека се соучесници, пренесува Си-ен-ен.

Извештајот на четири страници, кој беше објавен во петокот, го потврдува ставот дека 35-годишниот бин Салман имал удел во убиството на еден од неговите најгласни критичари, кој живеше во егзил во САД. Измената на извештајот беше речиси незабележана, додека администрацијата на американскиот претседател Џо Бајден се соочува со негодување поради отсуството на санкции кон принцот бин Салман.

Во втората верзија се отстранети имињата на три лица кои според првичниот извештај „учествувале, нарачале или биле на друг начин соучесници или одговорни за смртта на Кашоги“.

– Ја тргнавме првичната верзија од извештајот бидејќи содржеше имиња кои не требаше да бидат меѓу виновниците – изјави портпарол на Канцеларијата на директорката на националното разузнавање.

Првото од трите отстранети имиња е Абдула Мухамед Алхоерини, кој претходно не бил поврзан со смртта на Кашоги. Според лице запознаено со внатрешното работење на саудиските разузнавачи, тој е брат на генералот Абдулазиз бин Мохамед ал-Хаураини, министер кој е одговорен за државната безбедност на Саудиска Арабија и надгледува повеќе разузнавачки и контратерористички агенции. Алхоерини се појавува во саудиските извештаи како помошник-началник на државната безбедност за антитероризам.

Двете други имиња кои се појавија во првиот извештај се Јасир Калид Алсалем и Ибрахим ал-Салим. Засега е непознато кои се тие и каква е нивната поврзаност со Кашоги.

Овие три лица не се меѓу 18-те кои добија санкции од Министерството за финансии на САД, а Стејт департментот објави дека на 78 неименувани Саудијци им е забранет влез во САД под т.н. „Кашоги забрана“. Стејт департментот наскоро ќе обезбеди повеќе детали за веќе објавените соопштенија. Саудиското министерство за надворешни работи преку соопштение „категорично ги отфрли тврдењата во извештајот доставен до американскиот Конгрес“.

– Саудиска Арабија целосно ја отфрла негативната, лажната и неприфатлива проценка во извештајот што се однесува на раководството на Кралството и забележува дека извештајот содржи неточни информации и заклучоци – се вели во соопштението.

Останува да се види како извештајот ќе влијае на односите на принцот бин Салман со администрацијата на Бајден, откако претходно тој негираше дека го наредил убиството или дека имал какви било сознанија за злосторството.