Трикот на Макрон и Меркел (едвај) успеа

Урсула фон дер Лејен ја освои претседателската позиција во Европската комисија (ЕК) со разлика од само девет гласа. Ова е победа на националните влади кои ја поддржаа, a пораз за Европскиот парламент (ЕП) кој се надеваше дека ќе добие свој претставник и знак дека во следниот период ќе има сериозни превирања и борби во 28-члениот блок, анализира „Блумберг“.

Кога магионичарот извлекува зајак од шапката, многу е важно тој да не ја открие тајната на својот трик. Номинацијата на фон дер Лејен за ЕК, која е поранешна министерка за одбрана, немаше многу магија. Како компромис со кој ќе се надминат разликите помеѓу германската канцеларка Ангела Меркел и францускиот претседател Емануел Макрон, таа беше идеална за позицијата. Но, за новиот ЕП, кој понуди познати кандидати, кои всушност организираа кампањи за позицијата, ова беше еден злобен трик.

Сеќавањето на ова гласање можеби ќе избледне, но институционалната борба за власт која ја распали ќе продолжи да постои. Одлучувањето за тоа кој ќе раководи со ЕК, историски, секогаш било задача за националните влади (факт кој го подзаборави евроскептикот и поддржувач на брегзит Најџел Фараж, кој ја опиша Фон дер Лејен како симбол на недемократската супердржава). Од друга страна, ЕП долго време чекаше за зголемување на своето влијание, и во 2014 година фракциите во него успеаја да најдат заеднички јазик за да понудат свои кандидати, од кои еден беше и победникот Жан-Клод Јункер. Со фон дер Лејен, балансот на состојбите веќе е вратен.

Вчерашното гласање во ЕП не е идикатор, ниту пак убедува дека ЕУ ќе има ефикасно креирање на политики. Европските избори во мај не успеаја да создадат бран на популизам, но создадоа многу повеќе политички поделби поради тоа што традиционалните левичарски и десничарки блокови го загубија мнозинството. Новите состојби во ЕУ можеа да се забележат со необичните коалиции кои се создаваа непосредно пред гласањето на првиот човек на ЕК. Брзата кампања на Фон дер Лејен беше проследена со ветувања кои изгледаа несоодветни за политичар од централната десница, вклучувајќи предлог за пакет-закони за борба против климатски промени и против економска и расна неправда,  во вредност од 1,1 трилион евра, даноци за емисии на јаглерод диоксид, минимална плата во ЕУ, план за придобивки на невработените, механизми за подобрување на владеењето на правото и посилна контрола на границите. Тоа не беше доволно да ги предомисли Зелените, а Социјалистите ја поддржаа во последен момент.

Но, не треба да се потцени ЕП, кој ги одбрува големите одлуки како што се трговските договори и брегзит, дури иако овојпат не ги спроведе заканите дека ќе побара нов предлог за кандидат на шеф на ЕК. Парламентот ќе гласа и за комисијата на фон дер Лејен кога таа ќе биде предложена, па затоа германската политичарка ќе мора да ги одржи своите ветувања.

Како и да е, националните интереси победија и овојпат. Идејата на Макрон и Меркел иако не целосно, беше спроведена. И со оглед на фактот дека парламентот не можеше доволно да се обедини за да ги заштити сопствените интереси, тешко е да се тврди дека овој исход е недемократски, завршуваат од „Блумберг“.