Полицаецот од Канзас што уби човек по лажен повик направен на шега, нема да биде кривично гонет, соопшти тамошното обвинителство, пренесува „Њујорк пост. Обвинителот Марк Бенет истакна дека постоеле оправдани сомнежи кај полицаецот оти застреланиот Ендрју Финч (28) поседувал оружје.

Невооружениот маж од Вичита беше застрелан на 28 декември минатата година, кога полицијата одговори на лажните повици упатени од Калифорнија, во врска со наводно убиство и киднапирање во домот на Финч. Лицето кое го упатило лажниот повик до полицијата кажало дека Финч го застрелал неговиот татко, додека ги држи неговата мајка и сестра заробени.

Убиството го привлече вниманието на јавноста во САД околу практиката на т.н. „свотинг“, при што одредени лица праќаат лажни повици до полицијата, со цел таа да интервенира на туѓа адреса.

– Не требаше да дојде до пукање. Но, одлуката на полицаецот беше направена во контекст на лажниот повик. За да го обвиниме треба да постојат докази дека тој немал причина да верува оти човекот во куќата не претставувал закана – кажа Бенет.

Адвокатот кој го застапува семејството на Финч, пак, соопшти дека неговите најблиски се разочарани од одлуката и оти поднеле приватна тужба. Тие сметаат дека полицијата не реагирала соодветно на повикот, бидејќи не препознале оти бил даден погрешен опис на куќата, како и дека немало криминална активност во неа.

Полицијата соопшти дека ќе спроведе интерна истрага, како и дека ќе ги преиспита своите процедури за ваквите случаи.

Веќе се усвоени закони кои предвидуваат построги казни за оние кои ќе испраќаат лажни повици.