Трговската војна помеѓу САД и Кина ќе трае дваесетина година и ќе продолжи и по заминувањето на Доналд Трамп од Белата куќа бидејќи двете најголеми економски сили на светот ќе се борат за глобална доминација, смета Џек Ма, кинески милијардер и коосновач на технолошкиот гигант „Алибаба груп“.

Тој е загрижен дека последиците што ќе ги остави зад себе политичко-економскиот судир меѓу САД и Кина ќе бидат многу поголеми отколку што сега се претпоставува. Според Ма, Кина треба да ја зајакне својата економија за да може да се справи со спорот и да ги преориентира своите трговски односи од САД кон другите региони и континенти, како Југоисточна Азија и Африка.

– Краткорочно гледано, бизнис-заедниците во Кина, САД и во Европа, ќе бидат во неволја – оцени најбогатиот човек во Кина.

Неговите прогнози доаѓаат откако Кина објави дека ќе возврати со реципрочни мерки на одлуката на САД да воведат царини на дополнителни кинески производи од 200 милијарди долари. Коментарите на Ма имаат особена тежина бидејќи тој се смета за икона на кинеската иновација и за амбасадор на Кина во САД. Коосновачот на „Алибаба“ лани се сретна со Трамп и вети дека ќе отвори еден милион работни места во САД до 2021 година, нагласува агенцијата Блумберг.