Трансатлантските односи меѓу САД и Европа нарушени од пандемијата

Прекинот на сите патувања меѓу САД и Европа во рамките на мерките за спречување на ширењето на коронавирусот, покрај тоа што ќе влијае на околу 10.000 лета и повеќе од два милиони патници, според некои тврдења, истовремено може сериозно да ги наруши дури и трансатлантските односи. Ова тврдење неодамна беше наведено во своја анализа на „Јуроњуз“, откако европскиот блок сочинет од 27 членки ги отвори границите за деловни и туристичка патувања за 15 држави надвор од ЕУ во вторникот, но забрани влез за граѓани од САД. Како што наведува европската медиумска куќа „Јуроњуз“ повикувајќи се на податоци на ММФ, со тоа што компаниите ги префрлија своите активности на интернет како замена за деловните патувања, светската економија ќе изгуби 10 илјади милијарди евра, а на долгорочен план со сигурност ваквиот чекор ќе предизвика сериозни последици за глобалниот пазар.

Американката Полин Манос, која живее во Белгија над 30 години, за „Јуроњуз“ изјави дека се чувствува како да е заробена и како да ѝ се врзани рацете. Таа, како и милиони други американски граѓани што живеат во Европа, се надеваше дека ќе може да се врати назад дома за време на пандемијата на коронавирусот за да ги посети своите родители на возраст од 89 и 78 години, кои живеат во Лос Анџелес и со кои последен пат се виде на Божиќ. За жал, таа не е во можност да отпатува бидејќи Европската Унија (ЕУ) ги изостави САД од листата на „безбедни“ држави повикувајќи се на епидемиолошките фактори.
– Одеднаш сфатив како се чувствувала генерацијата на моите баба и дедо кога заминале од Грција и се преселиле во САД и никогаш повеќе не ги виделе своите родители, а комуникацијата со писма траела и по три месеци – вели Манос, која е волонтерка во Американскиот клуб во Брисел. Иако таа може да отпатува во САД од итни причини, сепак е загрижена за својата безбедност затоа што САД се најлошо погодени во светот со регистрирани над 2,6 милиони случаи на ковид-19.
– Состојбата се влошува во САД.

Постојат многу прашања околу тоа како ќе изгледа патувањето, дали да се поминат 15 часа во авион, можеби би следувале три до четири трансфери на аеродромите поради ограничувањето на летовите и потоа веројатно самоизолација – посочи таа и додаде дека еден од нејзините стравови е немањето американско здравствено осигурување во случај да се разболи. Дополнително американската Манос, која исто така работи како консултантка за маркетинг, изјави дека патните рестрикции исто така направиле хаос во нејзината работа.
– Работам надвор од САД, но губам најголем дел од моите деловни контакти и професионалните активности – порача таа. Во меѓувреме, иако семејствата се привремено разделени, сепак ваквиот развој на настаните може да влијае врз иднината на трансатлантските односи, пишува „Јуроњуз“.

– Американците што размислуваат за патување во Европа или во други прекуокеански локации можеби нема да можат да ги остварат своите намери поради загриженоста што го наруши патувањето, наметна раздвоеност и всушност прерасна во неприфатлива „нова нормалност“. Некои Американци што живеат во Европа можеби размислуваат повторно да се вратат во САД, но не можат – посочи Вилијам Џордан од париската Асоцијација на американски граѓани што живеат во странство (ААРО). Тој вели дека трансатлантското регрутирање може да наиде на застој поради логистички проблеми поради неможноста за лесно движење на патниците, но и поради менување на правилата за работна виза предизвикани поради промените од економското влијание на ковид-19 на пазарите на трудот.

– Неодамнешната изјава на американскиот претседател за привремено неиздавање на работни визи во САД покажува што можеме да очекуваме – смета Џордан. Од друга страна, Меѓународното здружение за воздушен сообраќај (ИАТА) наведува дека патувачката и туристичката индустрија доживеаја најголем удар, а авиокомпаниите имаат најлоша година во заработувачката досега во историјата.
– Мислам дека во реалноста имаме минимална побарувачка на краток рок – изјави Том Џенкинс, извршен директор на Европската асоцијација за туризам (ЕТОА). Иако тој посочи дека најголемиот пазар за туризам во Европа е патувањето во нејзини рамки, сепак забраната влијае на трансатлантските одмори.

– Загрижува пораката дека Американците не се добредојдени сега што се совпаѓа со сезоната на одмори, која трае шест недели – предупреди тој. Екот на сезоната почнува на 1 септември околу американскиот Ден на трудот. Сè уште има резервации на Американци, кои го испланираа нивниот одмор пред март и се одлучија токму за патување во Европа, како што смета Џенкинс.
– Резервациите не се откажани, но во случај ако продолжат патните рестрикции и во наредниот период, тогаш ќе бидеме принудени да го сториме тоа во екот на сезоната и ќе има катастрофални последици – посочи тој.