Шпанскиот министер за надворешни работи вели дека претседателот на САД ја советувал неговата земја со ѕид во пустината во Африка да ги запре мигрантите, кои преку Средоземно Море се обидуваат да стигнат до Европа

Доналд Трамп ѝ предложил на шпанската влада да ги копира неговите политики за да се справи со напливот од мигранти преку Средоземно Море така што ќе изгради ѕид во пустината Сахара во Африка, откри министерот за надворешни работи на Шпанија.
Според Хосеп Борел, американскиот претседател го отфрли скептицизмот на шпанските дипломати, кои посочиле дека Сахара е долга околу 4.800 километри, велејќи дека границата со Сахара сигурно не е поголема од американската граница со Мексико. Трамп во 2016 година привлече дел од гласачите на изборите со ветувањето дека ќе изгради „голем, убав ѕид“ на границата на САД со Мексико, која е долга околу 3.200 километри. Спроведувањето сличен план во Сахара би било усложнето и поради фактот што Шпанија има само две мали енклави во северна Африка, Сеута и Мелила, па затоа ѕидот би требало да го гради на странска територија, посочува „Гардијан“.

Инаку, Борел го обелоденил предлогот на Трамп за време на еден ручек во Мадрид неделава и тој беше пренесен од шпанските медиуми.

– Можеме да потврдиме дека тоа го рече министерот, но нема да даваме понатамошни коментари за неговите забелешки – изјави портпаролот на Министерството за надворешни работи на Шпанија.

Се верува дека Трамп ја предложил изградбата на ѕидот во Сахара, која е најголемата континентална пустина во светот со површина слична на Кина и на САД, кога министерот Борел ги придружуваше шпанскиот крал Фелипе и кралицата Летиција во јуни во Белата куќа.

Шпанија е една од најпогодените земји од мигрантската криза. Повеќе од 33.600 мигранти и бегалци пристигнаа во земјата преку Средоземно Море досега годинава, а 1.723 други починаа во обидот да дојдат до европскиот континент.
Зголемувањето на бројот на пристигнувања, кој е трипати поголем од бројот на пристигнувања во истиот период минатата година, значи дека Шпанија ги надмина Италија и Грција како главна дестинација за мигрантите што го минуваат Медитеранот.
Социјалистичкиот премиер на Шпанија, Педро Санчез, беше пофален по објавата дека Мадрид ќе ги прифати спасените 630 бегалци од бродот „Аквариус“, откако тие беа одбиени од Италија и од Малта.

Но, големиот број пристигнувања на јужниот брег на Шпанија ги наполни прифатните капацитети. Прашањето, исто така, се употребува како политичко оружје од десничарските партии, кои ја обвинуваат Владата за двојни стандарди и за премека позиција кон имиграцијата.

Борел, поранешен претседател на Европскиот парламент, претходно ја обвини Европа дека како ној ја закопува главата во песок секогаш кога треба да се решава прашањето за миграцијата.

– Зборуваме за 20.000 мигранти, кои годинава пристигнаа во земја со повеќе од 40 милиони жители. Тоа не е масовна миграција – рече тој во јули.

Тој исто така оцени дека проблемите во Шпанија се мали во однос на проблемите на земјите од Блискиот Исток што прифатија бегалци од Сирија, нагласувајќи дека непотребно се тривијализира зборот „масовна“.

Говорејќи во Мадрид неделава, Борел рече дека политичката максима од 1990-тите дека најважното прашање е економијата сега е заменето со максимата дека најважен е за идентитетот.

– Го решивме економскиот проблем, ама не и проблемот со имиграцијата, бидејќи тоа е емотивен проблем, а не таков што може да се реши со пари. Европските општества не се структурирани да апсорбираат повеќе од одреден процент мигранти, особено ако тие се муслимани – изјавил шпанскиот министер.