Претседателот на САД, Доналд Трамп, рече дека е многу тажен поради загубените животи и уништените семејства. Но притоа изрази и поддршка за „храбрите мажи и жени во сино, кои ги чистат нашите улици и нѐ чуваат сигурни“

По неколкуте седмици протести низ САД по полициското убиство на Афроамериканецот Џорџ Флојд, американскиот претседател Доналд Трамп во вторникот ја потпиша извршната уредба за реформи во полицијата, а една од клучните точки во документот е носење построги прописи за употребата на сила од страна на службениците на агенциите за спроведување на законот.

Претседателската акција е дел од активностите на градовите и државите, кои преземаат свои чекори за решавање на масовните протести на национално ниво, предизвикани од смртта на Џорџ Флојд. Активистите повикаа на целосен ремонт на системот на кривично право во земјата, бидејќи се справува со долготрајни проблеми околу полициската бруталност и расната нееднаквост.

Администрацијата вели дека извршната наредба ќе создаде база на податоци за следење на полициските службеници, кои имаат поплаки за прекумерна употреба на сила во нивните записи, за да ги спречи да се движат од едно полициско одделение во друго. Исто така, ќе се создаде систем, кој ќе им даде на полициските оддели финансиски поттик преку федералните грантови за спроведување најдобра полициска практика за употреба на сила.

Претседателот Трамп имаше приватна средба со семејствата на неколку црни Американци убиени во акти на полициска бруталност, пред церемонијата на потпишување на указот, кога рече дека е многу тажен поради загубените животи и уништените семејства. Но притоа и истакна дека треба да се почитуваат и поддржуваат „храбрите мажи и жени во сино, кои ги чистат нашите улици и нѐ чуваат сигурни“.

Во указот, приоритет се дава на распределбата на федерални грантови за подготовка и обука на полициските службеници за да се охрабри меѓу нив користењето на практиките за мирно решавање на конфликтите. Истовремено, надлежните органи ќе ги разгледуваат поплаките за прекумерна употреба на сила од страна на полицијата.
– Ова е голем чекор, кој досега не е преземен. Зафатите за совладување со задушување ќе бидат забранети. Освен во случаите кога е загрозен животот на полицаецот – рече Трамп.

Се предвидува, исто така, на полицајците да им помагаат социјални работници во делата што не се поврзани со насилство, како што се наркоманијата, бездомништвото и психичките нарушувања.

Подготвил: Митко Јовановски