Американскиот претседател Доналд Трамп денеска ја повика британската премиерка Тереза Меј да внимава при постигнувањето на договорот за Брегзит и да гарантира дека САД и Велика Британија ќе можат слободно да тргуваат во иднина.

Трамп, кој е во посета на Велика Британија, ја критикуваше Меј за нејзиниот пристап кон преговорите со Европската унија и ја обвини дека премногу и попуштила на Унијата, поради што е можно во иднина Лондон да не биде во состојба да води сопствена трговска политика.

Американскиот претседател е поддржувач на британското напуштање на ЕУ и го посочи неговиот истомисленик и доскорешен шеф на британската дипломатија Борис Џонсон, кој неделава ја напушти Владата на Меј поради несогласување со нејзиниот предлог за Брегзит, како добар иден премиер.

– Ја поддржуваме одлуката на британскиот народ да обезбедат целосно самоуправување и да видиме каде тоа ќе ги однесе. Се работи за многу комплицирани преговори, изјави Трамп.

Зборувајќи со Меј, Трамп денеска ја охрабри премиерката велејќи дека во иднина САД ќе бидат расположени да склучат поволен трговски договор со Велика Британија.

Меј посочи дека Велика Британија секако ќе ја напушти ЕУ на почетокот на 2019 година, независно дали дотогаш ќе успее да се постигне договор за иднинте односи со ЕУ или не.

Едно од главните спорни прашања е до која мерка Велика Британија ќе мора да ги прифати европските регулативи во економијата, а со тоа, индиректно, тие да важат и во нејзините трговски односи со САД.