Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека САД немаше да обезбедат нови трговски преговори со Јапонија без закана за воведување високи царини на јапонските автомобили и делови.

– Без царините, немаше да зборуваме за договор. Им реков дека не мора да преговараат, ама тогаш ќе им воведеме високи царини на автомобилите. Така, со моќта на царините и со моќта што ја имаме поради царините, ние во многу случаи не ни мораме да ги воведуваме. Толку се моќни и добри царините – оцени Трамп откако тој и јапонскиот премиер Шинзо Абе минатата недела се договорија да почнат преговори за билатерална трговска спогодба и САД да не воведуваат царини за јапонските автомобили додека траат преговорите.

Јапонските производители може да загубат половина од профитот ако Трамп ги оствари заканите со високите царини. Јапонија лани извезе 1,7 милион автомобили во САД во вредност од речиси 40 милијарди долари. Откако „Хонда“ ја отвори првата фабрика во САД во 1982 година, речиси секоја голема европска, јапонска и корејска компанија произведуваше возила и инвестираше над 75 милијарди долари во САД. Европските производители на возила лани произведоа речиси 2,9 милиони автомобили во САД и обезбедија работни места за околу 120.000 Американци. Трамп, пак, смета дека Јапонија, Кина, ЕУ и другите трговски партнери профитираат од САД и дека Американците годишно губат стотици милијарди долари.
– Нема да го дозволиме тоа – се закани Трамп, кој веќе поведе трговски војни на повеќе фронтови.