Американскиот претседател Доналд Трамп објави дека саудискиот крал Салман се согласил со неговото барање да го зголеми производството на нафта за два милиона барела дневно за да се намали цената на црното злато. Државните медиуми од Ријад, пак, потврдија дека имало телефонски разговор, но не спомнаа согласност за зголемување на производството на нафта.
– Штотуку разговарав со кралот на Саудиска Арабија Салман и му објаснив дека поради превирањата и дисфункционалноста во Иран и во Венецуела, барам Саудиска Арабија да го зголеми производството на нафта, можеби и 2.000.000 барели, за да се надомести разликата. Премногу високи цени. Тој се согласи – напиша Трамп на Твитер.
Белата куќа подоцна ја коригираше изјавата на претседателот дека кралот на Саудиска Арабија Салман ветил дека ќе го зголеми производството на нафта за два милиона барели, јави Би-би-си.
Тврдењето на Трамп доаѓа откако ОПЕК веќе се согласи на состанокот одржан минатиот месец да го зголеми производството, но тоа не се одрази позитивно на пазарите. Претходно земјите од ОПЕК и Русија се договорија за производството поради стабилизација на пазарот и на цените на нафтата.