Американскиот претседател Доналд Трамп денеска најави дека неговата втора средба со севернокорејскиот лидер Ким Џонг Ун ќе се одржи во Ханој, Виетнам.

Трамп во неколку твитови го пофали Ким и наведе дека неговите претставници штотуку отпатувале од Северна Кореја, каде што имале „продуктивни состаноци“ за 27 и 28 февруари.

– Се радувам што ќе се видиме со претседателот Ким и ќе го унапредиме прашањето за мирот, напиша Трамп на Твитер.

Тој изрази уверување дека Северна Кореја еден ден ќе стане економска сила под раководство на Ким.

Првиот состанок на Трамп и Ким се одржа во јуни минатата година во Сингапур, кога водачот на Северна Кореја вети дека ќе работи на целосна денуклеаризација на Корејскиот полуостров.