Американскиот претседател се закани дека САД ќе се повлечат од Договорот за нуклеарни сили со среден дострел (ИНФ), кој беше потпишан во 1987 година, обвинувајќи ја Русија дека постојано ја крши спогодбата

Американскиот претседател Доналд Трамп предупреди дека САД планираат да го засилат сопствениот арсенал на нуклеарно оружје, за да извршат притисок врз Русија и врз Кина. Трамп, како што пренесува Ројтерс, ја повтори оцената дека Русија не се придржува до Договорот за нуклеарни сили со среден дострел (ИНФ), кој беше потпишан во 1987 година. Коментарите на шефот на Белата куќа следуваат по неговата закана во текот на викендот, дека САД ќе се повлечат од ИНФ. Советникот за национална безбедност на Трамп, Џон Болтон, вчера требаше да се сретне во Москва со рускиот претседател Владимир Путин. Путин, според руските медиуми, очекува од Болтон објаснување за заканите на неговиот шеф околу повлекувањето на Америка од договорот.

– Додека луѓето не се вразумат, САД ќе го јакнат сопствениот нуклеарен арсенал. Тоа се однесува на Русија и Кина – порача американскиот претседател.

Трамп во саботата порача дека Вашингтон ќе се повлече од договорот, бидејќи Русија со години го крши, како и поради тоа што тој документ ги спречува САД да развиваат ново оружје. Договорот им забранува на САД и на Русија да поседуваат, произведуваат и да тестираат нуклеарни и крстосувачки проектили од копно, со дострел од 500 до 5.500 километри. Кина не е дел од договорот, кој во 1987 година го потпишаа американскиот претседател Роналд Реган и советскиот лидер Михаил Горбачов.

Во меѓувреме, пред најавената средба со Путин, Болтон разговараше и со шефот на руската дипломатија Сергеј Лавров, како и со раководството на руската одбрана. Во фокусот на разговорите биле прашања од стратегиската стабилност, ситуацијата во Украина, како и Корејскиот Полуостров.

– Страните разменија ставови за главните меѓународни проблеми, вклучувајќи ја и ситуацијата во Сирија, Авганистан, како и состојбата на работите во Украина и Корејскиот Полуостров – соопшти руското МНР.

Лавров и Болтон исто така разговарале за изгледите за соработка помеѓу Русија и САД, наоѓање на решение за регионалните конфликти, ефикасната борба против тероризмот и одржувањето на стратегиската стабилност. Болтон исто така имаше и средба со Николај Патрушев, секретарот на рускиот Совет за безбедност, на која разговарале за договорите за ограничување на офанзивното оружје и употребата на нуклеарни сили. Средбата траела речиси пет часа.

По состанокот, Патрушев изјави дека Русија подготвена да работи на решавање на меѓусебните несогласувања за начинот на спроведување на ИНФ. Тие ја разгледале и можноста за продолжување на Договорот за мерките за понатамошно намалување и ограничување на стратегиско офанзивно оружје, познат како нов СТАРТ, во петгодишен период по 2021 година.

Во изјава за радиото ЕХО Москва, Болтон истакна дека не се точни обвинувањата на Русија дека Вашингтон се обидува да ја уцени Москва со повлекувањето од договорот.
– Вашингтон сѐ уште нема донесено одлука за разместување ракети во Европа, кои би можеле да ја погодат Москва, ако се поништи ИНФ. САД допрва треба да го дефинираат својот став и за продолжувањето на договорот СТАРТ – порача Болтон.