Американскиот претседател Доналд Трамп порача дека САД ќе го создадат „најмоќното“ нуклеарно оружје во светот доколку не потпишат никаков договор со Русија за контрола на оружјето.

– Во моментот Русија и Кина сакаат истовремено да преговараат со нас за да го запреме безумното трошење милијарди и милијарди долари на нуклеарно оружје. Но додека немаме таков договор, единствено што можам да направам е да ги создадам најмоќните нуклеарни сили на светот – нагласи Трамп.

Според него, на Америка ѝ се потребни супербрзи ракети, зашто Москва веќе поседува такво вооружување. Тој тврди и дека руската страна добила информации за соодветните технологии за супербрзи ракети од плановите на претходното американско раководство – пренесе Спутник.

Договорот за неширење нуклеарно оружје (СТАРТ-3) истекува веќе на 5 февруари 2021 година. Иако сѐ уште нема конкретен договор за тоа кога би можеле да почнат преговорите, советникот на претседателот за национална безбедност Роберт О Брајан најави дека Вашингтон би можел да го стори тоа „набргу“.