Претседателот на САД Доналд Трамп денеска соопшти дека „се е подготвено” за средбата со севернокорејскиот лидер Ким Џонг-ун, планирана за 12 јуни во Сингапур.

– Средбата со Ким ќе биде многу повеќе од една фото сесија, увери Трамп при средбата со јапонскиот премиер Шинѕо Абе.

Тој додаде дека со Абе ќе разговара за Северна Кореја и трговијата.

Јапонскиот премиер изрази надеж средбата меѓу американскиот претседател и севернокорејскиот лидер ќе биде „драматичен и трансформирачки момент” за североисточна Азија.

Абе ја побара денешната средба со Трамп, за да ја координираат стратегијата кон Северна Кореја и да ги изрази јапонските ставови по прашањето.

Јапонија е клучен сојузник на САД во регионот и е силно вознемирена од севернокорејската нуклеарна и ракетна програма. Абе сака Трамп пред Ким да го покрене прашањето за киднапираните од Северна Кореја Јапонци и да се осигура дека обидите на американскиот претседател да постигне договор со севернокорејскиот лидер нема да им наштететат на интересите на Јапонија.

Утре и задутре Трамп и Абе ќе учествуваат на самитот на Г-7 во Канада.