Претседателот на САД, Доналд Трамп изјави на прес-конференција по средбата со британската премиерка, Тереза Меј, дека САД и Велика Британија го имаат најдобриот сојуз што светот некогаш го видел.

Британската премиерка, изјави дека имаат одличен однос што би требало да се надградува.

Меј наведе дека разговале за новите безбедносни предизвици, вредностите и нивниот начин на живот.

Трамп рече дека тој и неговата сопруга Меланија се почестени бидејќи се вратиле во Лондон, заблагодарувајќи ѝ се на британската кралица Елизабета за „прекрасната вечер“.

Трамп изјави дека американско-британските односи се втемелени врз заедничката историја, вредности, обичаи, култура, јазик и закони.

-Нашите народи веруваат во слободата и независноста како свето право стекнато од раѓање- изјави Трамп.

Тој истотака додаде дека Британија е клучен партнер на НАТО, пренесе „Ројтерс“.

Говорејќи за брегзитот, Трамп верува дека ќе дојде до тоа и нагласи дека веројатно треба да се случи.

-Ова е одлична земја којашто го сака својот идентит, сака да има свои граници, сака да ги води своите работи. Ова е многу, многу посебно место- рече Трамп.

На прашањето кој би можел да ја наследи Тереза Меј, Трамп рече дека поранешниот шеф на британската дипломатија, Борис Џонсон и сегашниот министер за надворешни работи, Џереми Хант се силни кандидати за иден премиер.