Во Твитер порака, американскиот претседател Доналд Трамп предупреди дека е можно Русија да влијае врз ноемвриските избори во САД со цел да ја помогне Демократската партија.

– Многу сум загрижен дека Русија силно ќе се бори да влијае врз претстојните избори. Имајќи предвид дека ниту еден претседател не бил поостар кон Русија од мене, тие многу ќе им помагаат на демократите. Дефинитивно не го сакаат Трамп! – напиша американскиот претседател на својот профил на Твитер.

Демократската партија упорно го обвинува Трамп за отстапки кон Русија и инсистира дека тој го должи својот избор за претседател на руското влијание врз изборите во 2016 година.

Трамп возвраќа дека под негово раководство беше раскинат договорот со Иран и  бомбардирана Сирија, каде американските сили наводно директно бомбардирале руски позиции, беше обезбедено оружје за Украина и беше испратен ултиматум до европските држави финансиски да го поткрепат НАТО и да ја намалат зависноста од руски гас. Трамп вели дека со сите овие мерки се погодени руските интереси во светот.