Карикатура „Нова Македонија“

Со исклучок на заедничкиот белег дека се двајцата во поодминати години, претседателските кандидати на САД, републиканецот Доналд Трамп и демократот Џо Бајден, во суштина се дијаметрално различни личности. За тоа говорат нивните настапи, ставови и размислувања, а во тој контекст и политиките за кои тие се залагаат. Кои се деветте клучни прашања по кои тие меѓусебно и значајно се разликуваат?

Анализа на клучните разлики на политиките на претседателските кандидати на САД

Различните позиции на претседателските кандидати за економијата

  •  Доналд Трамп
    За оваа тема, Трамп секогаш тврдел дека е негова силна страна. Тој најави дека е посветен на создавање десет милиони работни места за десет месеци и на создавање еден милион нови мали бизниси. Трамп сака да ги намали даноците на доход и да им обезбеди на компаниите даночни олеснувања за да ги охрабри компаниите да не отпуштаат работници.
  • Џо Бајден
    Спротивно, Бајден сака да ги зголеми даноците на богатите и големите компании, за да ги натера да инвестираат повеќе во јавни услуги, здравствено осигурување или образование. Исто така, Бајден сака да ја зголеми минималната саатница на 15 долари на час од сегашната стапка, која изнесува 7,25 долари.

Прашањата за клима и климатски промени

  • Доналд Трамп
    Трамп го класифицира глобалното затоплување како левичарска политика. Тој се повлече од Парискиот договор, меѓународен договор склучен за намалување на јаглерод диоксидот и борбата против климатските промени. Тој тврди дека неговата влада има подобар план и дека договорот од Париз ќе ѝ наштети на американската економија и ќе создаде многу невработени лица. Тој е климатски скептик.
  •  Џо Бајден
    Бајден се залага за враќање на САД во Парискиот договор за климата, од кој земјата официјално ќе се повлече кон крајот на оваа година. Неговата цел е САД да достигнат неутралност за јаглерод до 2050 година. Тој предлага забрана за нови договори за дупчење нафта и гас на јавни површини и инвестиција од над две милијарди долари во зелена енергија.

Разлики по прашањата за здравството

  •  Доналд Трамп
    Трамп отсекогаш сакал да се ослободи од „Обамакер“, законот за доделување грижа, донесен од претседателот Обама, кој им овозможува на 20 милиони неосигурени Американци да купат субвенционирано здравствено осигурување. Конзервативците сметаат дека системот не е финансиски исплатлив.
  • Џо Бајден
    Целосно спротивно на ова, Бајден на оваа тема размислува да го заштити и дополнително да го прошири Законот за достапна нега.

Расни поделби

  • Доналд Трамп
    Претседателот Трамп не верува дека расизмот е системски проблем во американската полиција, иако смета дека направил повеќе за Афроамериканците отколку кој било претседател од Абрахам Линколн наваму. За време на протестите против расизам се залагаше за спроведување на законот, но ги поддржуваше напорите за подобрување на практиката.
  • Џо Бајден
    Во врска со расните поделби, Бајден го нарече Трамп „најрасистичкиот претседател што некогаш сме го имале“. Тој гледа на расизмот како системски проблем и сака да работи на политики што ќе се однесуваат на расните разлики, особено во правосудниот систем.

Во врска со надворешната политика

  • Доналд Трамп
    На оваа тема Трамп вети дека ќе го намали присуството на американските сили во странство, што се обидуваше да го докаже непосредно пред изборите со повлекувањето на војниците од Авганистан. Во исто време, тој планира да инвестира во војската, а моментално најголем непријател гледа во Кина, со која трговската војна сè уште е на повидок.
  • Џо Бајден
    Спротивно на него, Бајден по ова прашање размислува да го примени новото мото „повторно обновување на американското раководство“ и подобрување на дипломатските односи со сојузниците. Тој најави дека повторно ќе се вклучи во иранскиот нуклеарен договор.

Политиките за оружјето

  • Доналд Трамп
    Американците имаат право да носат оружје, а вториот амандман што им го дозволува тоа треба да биде заштитен е политиката на Трамп. По серијата масовни престрелки во 2019 година и инциденти, тој предложи заострување на законите што ќе воведат проверки на минатото на купувачите на оружје.
  • Џо Бајден
    Спротивно на него, Бајден предложи да се проверат минатите купувачи, да се ограничи бројот на оружје што едно лице може да го купи и да ги олесни судските процеси против несовесните производители и продавачи на оружје.

Ставови за ковид-19 и пандемијата

  • Доналд Трамп
    Актуелниот претседател Трамп во однос на пандемијата во САД како решение за неа формира работна група некаде кон крајот на јануари. На почетоците, работната група беше обвинета за лошо спроведување на антивирусните упатства, недостиг од тестови и погрешно пресметување. Трамп за тоа тврдеше дека тој го насочил фокусот кон „безбедноста и отворањето на земјата“. Претседателот по ова прашање се залага за брз развој на методи на лекување и вакцини за ковид-19. За овие проекти тој напомена дека одвоил 10 милијарди долари.
  • Џо Бајден
    Од друга страна, противкандидатот Бајден досега зборуваше дека нацијата се движи кон „мрачна зима“ и тој комплетно не се согласува со Трамп, кој тврди дека вирусот исчезнува. Демократот Бајден по ова прашање сака да воспостави национална програма за пронаоѓање контакти и да ги пополни дупките во системот на Трамп, со воспоставување на најмалку 10 центри за тестирање во секоја држава. За разлика од Трамп, тој широко ја поддржува употребата на маската.

Имиграциски политики

  • Доналд Трамп
    Она што го обележи мандатот на претседателот беше изградбата на ѕидот кон Мексико што ќе продолжи и во неговиот втор мандат. Трамп рече дека ќе ја укине програмата (ДАЦА) што им дава право на мигрантите што влегле во САД во минатото да можат да останат во земјата и да добијат работа, образование и државјанство.
  • Џо Бајден
    Од друга страна, Бајден сака да запре со изградбата на ѕидовите на Трамп и да ги укине имиграциските ограничувања наметнати од администрацијата на актуелниот претседател. Тој рече дека сака да го покаже „патот до државјанството“ за 11 милиони луѓе што живеат илегално во САД.

Врховен суд

  • Доналд Трамп
    По ова прашање претседателот Трамп верува дека неговото уставно право било да пополни испразнето место пред судот со конзервативната судијка Ејми Кони Барет непосредно пред изборите.
  • Џо Бајден
    Од друга страна, Бајден, кој се залагаше за пополнување на судското место по изборите, рече дека ако биде избран, ќе работи на донесување закони што ќе го гарантираат правото на жената на одлука за абортус.