Поранешниот американски претседател Доналд Трамп повика на бојкот на компаниите кои се огласија против новите закони за гласање во американската сојузна држава Џорџија. Меѓу овие компании и организации се Американската бејзбол лига (МЛБ), „Делта Ерлајнс“, „Кока-Кола“, Ју-пи-ес“ и други, пренесува „Њузвик“.

Трамп истакна дека радикалните левичарски демократи со години се закануваат со бојкот на производи, а дека сега левицата на големо се занимава со „културата на укинување“. Тој порача и дека се време републиканците да возвратат на ист начин.

– Време е републиканците и конзервативците да го возратат ударот – имаме многу повеќе луѓе од нив! Бојкотирајте ги МЛБ, „Кока-Кола“, „Делта ерлајнс“ „Џеј Пи Морган Чејс“, „Вајаком Си-би-ес“, „Циско“ „Ју-Пи-Ес“ и „Мерк“. Не се враќајте на нивните производи додека не се предомислат. Можеме да ја играме играта подобро од нив – беше наведено во соопштението на Трамп.

Поранешниот американски претседател смета дека овие компании помогнале во местењето на претседателските избори одржани минатата година.

– Тие ги наместија и украдоа нашите претседателски избори, на кои победивме убедливо, и згора на тоа, тие ги бојкотираат и плашат компаниите за да им се потчинат. Никогаш не се потчинувајте, никогаш не се предавајте! Радикалната левица ќе ја уништи државата ако им дозволиме да го сторат тоа. Нема да станеме социјалистичка нација – порача Трамп.

Џорџија минатата недела усвои нови закони за гласање, кои вклучуваат идентификација на гласачите за гласовите испратени по пошта и помал број на сандачиња за нивно доставување. А според законските измени, стана казниво и давањето храна и вода на гласачите пред изборните места.

– Бојкотирајте го бејзболот и компаниите што се мешаат во слободните и фер избори. Слуште ли Кока-Кола, делта и сите вие! – напиша Трамп.

Поддржувачите на Трамп веќе порачуваат дека ќе ја бојкотираат „Кока-Кола“ и дека наместо тоа ќе пијат „Пепси“.