Американскиот претседател Доналд Трамп предложил да им се пука на мигрантите во нозе, за да ги забави во обидот да ја преминат јужната граница, се наведува во новата книга напишана од двајца новинари на „Њујорк тајмс“.

Според напишаното во книгата, Трамп предложил екстремни методи за заплашување на мигрантите за да не ја преминат јужната граница. Тие вклучуваат изградба на електрифициран, шилест граничен ѕид и мочуриште со змии или алигатори. Градењето ѕид на границата со Мексико е една од главните цели на политиката на Трамп, се додава во книгата.

За изградбата на ѕидот Пентагон издвои 3,6 милијарди американски долари. Белата куќа не ги коментираше последните извештаи.

Книгата „Border Wars: Inside Trump’s Assault on Immigration“, напишана од страна на новинарите Мајкл Шар и Џули Дејвис, е заснована на интервјуа со повеќе од десетина неименувани функционери, а ја објави „Њујорк тајмс“.