Си Џинпинг, Емануел Макрон и нивните сопруги имаа заедничка вечера во Париз, во пресрет на објавувањето на зделките

Амбициозните кинески проекти во Европа, чија реализација е планирана преку богати бизнис-зделки, претставуваат своевидна закана за одржувањето на западните сојузништва, особено по економската офанзива на најмногубројната светска држава во Италија и во Франција.

Италијанската влада ќе потпише меморандум за соработка според кој ќе учествува во амбициозниот кинески проект „Еден појас, еден пат“, чија цел е создавање на интерконтинентална структура што ќе ја поврзува Азија со Африка, Средниот Исток, Латинска Америка и со Европа, пренесува порталот „ЕУобсервер“. Италија е првата голема економија што се приклучува на проектот, и покрај притисокот од Вашингтон врз Рим за непотпишување, поради наводни безбедносни ризици поврзани со дигиталната инфраструктура. Ваквата ситуација создаде тензии во италијанската влада каде што мислењата за кинескиот проект се поделени.

Преговорите за учество во платформата „Еден појас, еден пат“ почнаа за време на претходниот владин состав, но резултатот отвори прашања во врска со надворешната политика на Италија и за нејзината позиција во светот, односно дали уште е покрај традиционалниот сојузник САД, или треба да стане важен мост помеѓу Истокот и Западот долж новиот пат на свилата?

Италија ја има најголемата кинеска заедница во Европа, која брои 300 илјади луѓе, а големите кинески компании инвестираа во италијанските корпорации. Италија привлече кинески инвестиции вредни 15 милијарди долари од 2000 година. Од друга страна Италија е под извесна американска заштита, со 15-те илјади американски војници распоредени во воените и поморските бази во европската држава. 

Франција, пак, склучи бизнис-зделки вредни 40 милијарди евра, и покрај загриженоста за злоупотребата на човекови права и за стратешко инвестирање. Кина ќе издвои 30 милијарди евра за купување 300 авиони од францускиот произведувач „Ербас“, додека останатиот дел од зделките се однесуваат на енергетиката, транспортот и храната. Претседателите на двете држави Емануел Макрон и Си Џинпинг ги најавија зделките заедничка прес-конференција одржана во понеделникот. Тогаш беше договорена и повторна, проширена средба, на која ќе присуствуваат и германската канцеларка Ангела Меркел и претседателот на Европската комисија Жан-Клод Јункер.

Познавачите на состојбите сметаат дека зделките склучени во Франција ќе стават притисок врз американскиот Доналд Трамп да ја оствари неговата најава за склучување на трговска спогодба со Кина. М.Ж.