Американскиот претседател Доналд Трамп потпиша декрет со кој му наредува на Пентагон да подготви план за изработка на закон за вселенски сили, како шести род на Вооружените сили на САД.

– Мораме да бидеме подготвени. За мојата Администрација формирањето на вселенските сили е прашање на националната безбедност, изјави Трамп по потпишувањето на указот, додавајќи дека денес „американската лидерска позиција во Вселената е важна како никогаш досега“.

Задача на вселенските сили, според планот на Трамп, ќе биде заштита на американските сателити во Вселената од секаков физички напад, судир со други објекти или проектили и од каков било обид за пиратерија или пречки, но и развој на офанзивни капацитети.