Американскиот претседател Доналд Трамп го нападна воениот врв на вооружените сили на САД и го обвини Пентагон за водење војни со цел да се зголеми профитот на компаниите за производство на оружје.

– Раководството на Пентагон сака да води војни, со цел сите оние прекрасни компании за вооружување, кои произведуваат бомби, ракети и авиони, да бидат среќни и задоволни – рече Трамп на прес-конференција во Белата куќа, објави Си-ен-ен.

Овие необични коментари на шефот на државата дојдоа во време кога бројни воени команданти и лидери во Пентагон му се доверија на Си-Ен-Ен дека односите со претседателот стануваат сè понапнати.

Поранешен воен службеник за Си-Ен-Ен потврди дека Трамп јавно изговорил груби и навредливи квалификации на сметка на припадниците на американската армија и воените ветерани.

„АП“ исто така известува дека за време на неговата официјална посета на Франција во ноември 2018 година, по повод одбележувањето на 100-годишнината од крајот на Првата светска војна, американскиот претседател дал несоодветни изјави и навредливи квалификации на штета на загинатите војници. Овие извештаи беа емитувани и на „Фокс њуз“, а Доналд Трамп жестоко ги демантираше.

– Најновите коментари на претседателот за военото раководство на САД и нивната мотивација не само што ја деградираат и ја прават бесмислена нивната посветена работа во службата, туку имаат корозивен ефект и врз американската војска – рече пензионираниот поморски генерал и воен аналитичар на Си-Ен-Ен, Џон Кирби.

Пентагон официјално не одговори на барањето да ги коментира изјавите и односот на Трамп кон армијата.