Американскиот претседател Доналд Трамп помилуваше 15 лица, меѓу кои и републиканците кои се сметаат за негови силни поддржувачи, претставници на кампањата во 2016 година, кои се поврзани со истрагата за вмешаноста на Русија, како и осудените за масакрот во Багдад во 2007 година.

Меѓу помилуваните се и поранешниот соработник на Трамп во изборната кампања Џорџ Пападопулос и адвокатот Алекс ван дер Зван. И двајцата на кратко издржуваа затворска казна. Трамп исто така помилуваше четворица безбедносни работници вклучени во масакрот во Ирак во 2007 година, како и двајца поранешни конгресмени, пренесува Би-би-си.

Пападопулос во 2017 година призна дека го излажал ФБИ за периодот кога се случил состанокот со наводните посредници на Русија за време на изборната кампања во 2016 година. Тој е првиот поранешен соработник на Трамп уапсен во истрагата за наводна руска вмешаност, предводена од специјалниот советник Роберт Милер.

Тој лажно тврдеше дека се сретнал со две лица кои се поврзани со Русија пред да започне да работи за кампањата на Трамп, но всушност се сретнал со нив откако се вклучил во кампањата.

Пападопулос му се заблагодари на Трамп на Твитер, велејќи дека помилувањето значи многу за него и за неговото семејство.

Ван дер Зван исто така призна дека дал лажна изјава за време на истрагата на Милер.

„Денешното помилување помага во исправувањето на неправдата нанесена во тимот на Милер на толку многу луѓе“, се вели во соопштението на Белата куќа.

Трамп ги помилува и поранешните републикански пратеници Крис Колинс и Данкан Хантер. Трамп ги смени и казните за уште пет лица. Се очекува тој да помилува повеќе луѓе пред да ја напушти функцијата претседател следниот месец.