На банкарската сметка на американскиот претседател Доналд Трамп за кампањата за претседателските избори во САД во 2020 година, веќе се наоѓаат 33 милиони долари, тврди информативниот портал „Политико“.

Овие средства, што легнале на сметката на Трамп уште од крајот на јуни, односно две и пол години пред изборите, му даваат на Трамп значителна предност пред кој било друг претседателски кандидат.

„Политико“ оценува дека со овие подготовки на Трамп за организрање голема кампања за следните претседателски избори, полза ќе имаат компаниите кои се поврзани со американскиот претседател и со менаџерот на неговиот изборен штаб Бред Парскејл.

Во едно неодамнешно интервју за британскиот „Мејл он Сандеј“, Трамп најави дека планира да се кандидира за реизбор во 2020 година.

– Целосно го планирам тоа. Изгледа дека сите сакаат да го сторам тоа – изјави републиканецот Трамп во интервјуто, додавајќи дека засега „не гледа никого од Демократската партија кој би можел да го победи во 2020 година“.