Американскиот претседател Доналд Трамп порача дека е подготвен за долготрајна блокада на американската влада сѐ додека не се реши финансирањето на изградбата на ѕидот на границата со Мексико, пишува „Ју-ес-еј тудеј“.

– Ова е многу важна битка, која мора да се добие – истакна Трамп во Белата куќа пред да замине нa советување со својот персонал во воената база Кемп Дејвид.
По вторпат изминатите денови Трамп сугерира дека блокадата на Владата, која трае веќе 17 дена, може да предизвика воведување национална вонредна состојба, што ќе му даде за право да користи воени средства за изградба на ѕидот.

– Владата може да се отвори уште денеска или да биде затворена многу долго – предупреди шефот на Белата куќа
Демократите ги осудија барањата на Трамп за финансирање на изградбата на ѕидот и за некакво воведување вонредна состојба во земјата.
– Тоа би било ужасно искористување на доларите за одбрана – порача Адам Смит, демократски конгресмен од сојузната држава Вашингтон и нов претседавач со конгресниот Комитет за армиски служби.

Тој го повика претседателот да ја деблокира Владата, да преговара за поголема безбедност на границата со Мексико и да почне да ги плаќа граничната полиција и патрола и други 800.000 вработени во државната администрација што ги напуштија работните места и не примаат плата.

– Претседателот нема никакво разбирање за овој проблем – изјави Смит.
Републиканците и демократите се најдоа во ќор-сокак откако не договорија буџет за финансирање на работата на федералната влада. Трамп побара пет милијарди долари за изградба на ѕидот кон Мексико, додека демократите, кои сега го контролираат Претставничкиот дом, не ја одобруваат изградбата и ја отфрлаат како прескапа и непрактична.

Трамп изјави дека сочувствува со стотиците илјади државни службеници што не работат или останале на работните места, но не се платени.
– Можат да се приспособат – истакна американскиот претседател.